• ДОМА
  • ЗА НАС
  • НОВОСТИ
  • За медиумите
Стани член
  • ДОМА
  • ЗА НАС
  • НОВОСТИ
  • За медиумите
Стани член

Допис на МАИ до Министерството за култура со Став во однос на објавените резултати од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 г.

март 4, 2021 / 116

Допис на МАИ до Министерството за култура со Став во однос на објавените резултати од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 г.

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) детално ги разгледа резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година, од областа на литературата и издавачката дејност, и во врска со нив, го доставува следниов:


Став во однос на објавените резултати од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година на Министерството за култура на Р. С. Македонија

За почеток, би сакале да истакнеме дека нè радува што поголемиот дел од недостатоците за кои МАИ реагираше минатата година, како фаворизирањето на проектите на албански јазик и одобрување проекти на печатници и други правни лица чија основна дејност не е издаваштвото, годинава се отстранети. Меѓутоа, сепак, постојат останати работи што ги забележуваме како проблематични и кои со овој допис би сакале да ги истакнеме:
• За поздравување се напорите на Министерството за зголемувањето на поединечните доделени суми за проектите, меѓутоа во повеќето случаи, сепак, сумите не соодветствуваат на потребните (воедно и побарани) средства за проектите и со тоа издавачите повторно ќе мораат да прават компромиси во поглед на квалитетот. Сметаме дека е потребна методологија за изработка на скалило преку кое доделените износи за проектите ќе се определуваат врз основа на бројот на страници на книгата, типот на печат (црно-бел, во боја), односно да се воспостават јасни мерила за подеднаква распределба на средствата.
• Она што беше забелешка на МАИ и минатата година, се повторува и оваа: преголем е бројот на физички лица кои добиле средства за реализација на проекти. Да потсетиме на нашето укажување: издавачите се тие кои располагаат со капацитети за издавачка дејност и доделувањето проекти на физички лица треба да биде исклучок, а не правило, имајќи предвид дека поради немањето капацитети за реализација на овие изданија и за нивна дистрибуција, потоа никој не знае ниту како изгледаат, ниту каде завршуваат. Едноставно, ги нема во книжарската продажна мрежа, а поради немањето контрола врз бројот на реално испечатениот тираж, сомнежите за злоупотреба и манипулации со средствата се навистина основани. Овој проблем може да се отстрани со тоа што одредувањето на одобрените суми би зависело и од тиражите и, секако, со спроведување контрола на реално отпечатениот тираж за да нема злоупотреби.
• МАИ застанува во одбрана на професионалните издавачи кои имаат капацитети што се состојат од свои вработени и свои редакции и смета дека нивното едначење со правни лица кои се регистрирани како издавачи, но прашање е дали воопшто имаат вработени лица а уште повеќе дали располагаат со капацитет да ги исполнат проектите со истиот квалитет, е навистина проблематично. Затоа, потребно е да се установи и систем на бодување на самите издавачи, врз основа на капацитетите што ги поседуваат и со тоа да им се даде предност на издавачите кои се подолго време во дејноста, кои имаат свои книжарници и своја читателска публика и кои проектите од национален интерес навистина ќе ги пласираат на соодветен начин пред читателите.

• Според начинот на поделбата на проектите, повторно се гледа тенденцијата да се задоволат повеќето апликанти. Притоа, дел од издавачите кои аплицирале и со проекти од домашни автори, и со преводи, добиле поддршка само за проектите од домашни автори (поддршка која е во најголем дел за авторите а не за издавачите), додека издавачите кои конкурирале само со преводи ним им се поддржани преводите. Предложуваме програмите на издавачите со кои аплицираат за годишната програма да бидат балансирани и изборот на Министерството исто така да биде балансиран. Доколку фокусот на доделените средства е на домашните автори, тоа треба да важи за сите и не смее да се случи излегување од принципот и поддршка на издавачите што немале такви проекти од „солидарност“.
• Нашиот впечаток за долгогодишната поделба на издавачите на две групи: оние кои се пазарно ориентирани и оние кои застапуваат „културни вредности“ со овие резултати уште еднаш се потврди. Оваа година на конкурсот доминираат проектите на вторите издавачи, а „комерцијалните издавачи“ се во втор план, што дополнително го засилува впечатокот дека критериумите не се еднакви за сите издавачи и тоа е нешто што мора да се смени, а не само декларативно да се повторува.
• Големо прашање е како комисијата одлучила кои проекти ќе ги одобри, а кои ќе ги отфрли кога многу од издавачите, и од МАИ, и надвор од здружението сметаат дека проекти со подеднаква тежина во поглед на нивната вредност за националниот интерес имале различен исход – едни прифатени, други одбиени. Самото бодување не е доволно јасно и издржано за да може прецизно да се воочат причините за прифаќањето/одбивањето, односно за издавачите да можат да заклучат кои видови проекти Министерството ги смета за проекти од национален интерес, а кои не.
• Ни останува отворено прашањето зошто манифестации на издавачите, кои градат традиција и веќе се години собираат околу себе публика, не се поддржани. Вербата на издавачите во нив се огледува и преку самофинансирањето на проектите и тогаш кога Министерството не помогнало или не помага, што треба да биде аргумент (или бодови) плус во оценувањето на овие проекти. Од друга страна, гледаме доделени средства за манифестации кои се појавуваат за првпат и кои допрва треба да го докажуваат квалитетот, да освојуваат публика и да градат традиција.
• Зголемената поддршка на детската книжевност, погледната преку бројот на поддржаните проекти и доделените средства за нив, сметаме дека е само декларативна.
• Отстранувањето на сите видови сомнежи и одењето чекор напред во покажување дека третманот за сите учесници на конкурсот е ист може да се направи само со максимална транспарентност. Би било добро да можеме да видиме листа и на отфрлените проекти по апликант и бодувањето на тие проекти врз основа на кое не ја добиле поддршката, за да може на секој апликант да му биде јасно зошто проектот му е отфрлен, а воедно би било транспарентно и придружувањето на комисијата до критериумите.
• Во тој контекст, би сакале да видиме образложенија и за неприфаќањето на сите три проекти со кои аплицираше Македонската асоцијација на издавачи годинава. Навистина е жално најсериозното здружение на издавачи во земјава да не добие средства ниту за проектот со најмалата побарана сума од 36.900 денари за придружување кон Меѓународната асоцијација на издавачи.

За крај, сакаме да истакнеме дека ние како издавачи сме фокусирани на големата слика. Зборуваме за Годишната програма на проекти од национален интерес во културата и националниот интерес мора да биде пресуден при одлучувањето кои проекти ќе влезат во неа. Меѓутоа, имајќи ги предвид општествено-политичките случувања, секоја година сме соочени со нови и нови промени кои водат кон менување на критериумите и за учество на конкурсот и, уште полошо, на критериумите за вреднување и одобрување на проектите.
Македонската асоцијација на издавачи во претстојниот период пред распишувањето на Конкурсот за 2022 година, отворено ја нуди својата соработка на Министерството за култура на Р.С. Македонија за изработка на прецизни и издржани критериуми за бодување на проектите, кои ќе бидат исти за сите и долгорочно ќе го решат овој проблем што е ахилова пета на Годишната програма.
Воедно, раководството на МАИ бара состанок со министерката за култура, на кој ќе можеме да ги продискутираме нашите ставови за издаваштвото и да се договориме за нашата идна соработка.

Клучни зборови: Годишна програма за проекти од национален интерес, допис, издаваштво, МАИ, Министерство за култура, соопштение
Share Post

Comments are closed

Последни објави

Допис на МАИ до Министерството за култура ...

март 4, 2021 Коментарите се исклучени на Допис на МАИ до Министерството за култура со Став во однос на објавените резултати од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 г.

Реакција на МАИ во однос на доцнењето ...

февруари 17, 2021 Коментарите се исклучени на Реакција на МАИ во однос на доцнењето на резултатите од Годишниот конкурс

Предновогодишен саем на книгата во „Сити мол“ ...

декември 1, 2020 Коментарите се исклучени на Предновогодишен саем на книгата во „Сити мол“ од 1 до 6 декември

Изработено од Импакта 2021 r.