Прва Фелоушип-програма на МАИ на Саемот на книгата 2024 г.
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), со финансиска помош од Министерството за култура на Република Северна Македонија, оваа година ја организираше првата Фелоушип-програма на МАИ за време на Саемот на книгата 2024 г., која траеше од 17 до 20 април.
На Фелоушип-програмата учествуваа една книжевна агентка и четворица издавачи:
- Флоранс Жири, Агенција „Флоранс Жири“ (Франција)
- Петра Кавчич, издавачка куќа „Белетрина“ (Словенија)
- Јанис Краниас, издавачка куќа „Ентипоис пабликејшн“ (Грција)
- Ена Хасечиќ, издавачка куќа „Бај бук“ (Босна и Херцеговина)
- Мирослава Уљаревиќ, издавачка куќа „Ободско слово“ (Црна Гора)
Учесниците на Фелоушип програмата имаа можност да го доживеат најголемиот културен настан во нашата земја, Саемот на книгата, да се запознаат со издавачите и да ја почувствуваат енергијата меѓу љубителите на книгата.
Во рамки на Саемот на книгата тие остварија и деловни состаноци со членките на МАИ, како и неформални запознавања и состаноци со останати издавачи заинтересирани за промоција и ширење на своето работење надвор од земјата.
Во рамки на „speed dating“ настанот на МАИ, претставници од Министерството за култура на Република Северна Македонија пред учесниците на Фелоушип-програмата го презентираа Конкурсот за превод на македонски автори на странски јазици.
Формалните активности на учесниците беа заокружени со панел-дискусија во промотивниот центар на Саемот на книгата, на којашто разговараа на тема: „Современите издавачки текови и македонската издавачка продукција“.
Во рамки на неформалните активности, учесниците имаа можност да ја запознаат Старата чаршија и центарот на Скопје, водени од нашиот писател и туристички водич Васко Марковски.
Македонската асоцијација на издавачи, врз основа на впечатоците на членките на МАИ и на останатите издавачи кои се вклучија во активностите, како и на учесниците во Фелоушип-програмата, смета дека оваа програма се покажа како навистина корисна за сите издавачи и дека оваа прва година е само почеток на една успешна приказна што секоја следна година треба да се гради и да трае.