Втора Фелоушип-програма на МАИ на Саемот на книгата 2025
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), со финансиска помош од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, во мај ја организираше втората Фелоушип-програма на МАИ за време на Саемот на книгата 2025 г., која траеше од 9 до 11 мај.
На Фелоушип-програмата учествуваа:
- Елиза Копети, уредничка и косопственичка на издавачката куќа „Ботега еранте“ (Италија)
- Нева Сердаревиќ, менаџерка за авторски права во издавачката куќа „Фрактура“ (Хрватска)
- Сења Пожар, книжевна агентка, основачка на „Љубљана бук академи“ и главна и одговорна уредничка на издавачката куќа „Супер заложба“ (Словенија)
Учесничките на Фелоушип програмата и оваа година имаа можност да го доживеат Саемот на книгата од прва рака, да ги запознаат издавачите и начинот на нивното саемско претставување пред публиката, како и да ги видат неверојатните редици на саемот. По саемската прошетка и неформалното запознавање со издавачите на нивните штандови, во рамки на програмата организиравме официјален дел. Станува збор за деловни „еден на еден“ состаноци на македонските издавачи со учесничките на Фелоушип-програмата, како и со еминентниот книжевен преведувач од македонски на хрватски, универзитетскиот професор Ивица Баковиќ од Хрватска, кој токму овие денови беше на резиденцијален престој во Македонија, во рамки на мрежата „Традуки“, а во организација на издавачката куќа „Готен“.
Формалните активности на учесничките беа заокружени со панел-дискусија во промотивниот центар на Саемот на книгата, на тема: „Како изгледаат македонското издаваштво и македонската книжевност гледани однадвор?“.
Во рамки на неформалните активности, учесниците имаа можност да ја запознаат Старата чаршија и центарот на Скопје, водени од нашиот писател и туристички водич Васко Марковски.




















